Чешка: Од 1-ви јуни вакцинација на сите граѓани над 16 години
Во Чешка досега втора доза на вакцина примиле над еден милион жители од вкупно 10,7 милиони. 2,17 милиони примиле прва доза.

Чешка од 1-ви јуни планира да почне регистрација на лица над 16 години за вакцинација против Ковид-19. Премиерот Бабиш изјави дека доколку вакцинацијата се одвива според планот, старосната граница секоја недела може да се намалува за пет години.
Во моментот, во Чешка можат да се вакцинираат постари од 55 години, како и помлади лица со хронични болести. Пријавувањето за граѓаните на возраст од 50 до 54 години почнува в среда. Во Чешка досега втора доза на вакцина примиле над еден милион жители од вкупно 10,7 милиони. 2,17 милиони примиле прва доза.
Истовремено во земјата продолжува да паѓа бројот на новозаразени. Во Прага и во уште шест региони со најниска стапка на инфекција учениците од основните училишта се враќаат во училишните клупи по принцип на ротација. Една недела ќе доаѓаат на училиште, додека следната ќе имаат онлајн настава. Исто така, сите деца се враќаат во градинките во Прага и во тие региони.
„Дефинитивно сме пресреќни. Јас им предавам на ученици во погорните одделенија и морам да кажам дека дури и најмотивираните ученици почнуваат да губат мотивација“, изјави Нада Хребикова, учителка.
„Син ми со нетрпение очекуваше да се врати, па го донесовме тука“, вели еден родител.
„Мислам дека сите навистина се радуваме што децата ќе се вратат во градинките, бидејќи е многу поубаво, повесело, позабавно со нив. Од денеска децата не мора да се тестираат, само вработените ќе се тестираат еднаш неделно“, рече Рената Клицова, воспитувачка.
Во меѓувреме, премиерот Бабиш изјави дека вакцината „Спутник В“ повеќе не е потребна во земјата, бидејќи има доволно други вакцини против коронавирус.
Од почетокот на пандемијата во Чешка се регистрирани 1,63 милиони случаи на коронавирус, оздравени се 1,55 милиони, а починале 29.300.
Марина Ристова
