Стартува масовната имунизација против Ковид-19
Почнува масовната имунизација во државава. 200 илјади дози синофарм распределени на пункотвите во шест регионални центри. Еврокомесарот Вархеји ќе допатува со првата пратка вакцини Фајзер од Европската унија...

Започнува масовната имунизација на населението. Вкупно 200.000 кинески вакцини, кои пристигнаа минатата недела, се дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и регионалните центри во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од денес со нив ќе почне масовната вакцинација на населението. Здравствени власти најавуваат вакцинирање на бројка од меѓу 10 и 15 илјади граѓани на ден.
Во меѓувреме бројот на заболени се намалува a со тоа и притисокот врз болниците, по што главниот координативен кризен штаб предложи од среда полицискиот час да почнува од 23 часот, а летните тераси и градини на угостителските објекти да работат до 22:30 часот.
Овие предлог-мерки треба да бидат разгледани на следната седница на Влада и би биле со важност од среда 5 мај 2021 година.
Министерот за здравство Венко Филипче, по пристигнувањето на 200 илјади вакцини „Синофарм“ најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“.
Вчера беа регистрирани 62 новозаболени и 398 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.747, бројката на оздравени пациенти е 133.871, на починати е 4.961, а бројот на активни случаи изнесува 13.915.
Анита Димитријевска Велковска
