Надвозник се урна во Мексико сити, најмалку 15 загинати и 70 повредени
Снимките за надзор регистрираат движење на автомобили во моментот на уривањето. Не се познати причините за трагедијата...

Најмалку 15 луѓе загинале, а околу 70 се повредени во Мексико сити, откако се урнал мост на метро линија во моментот додека минувал возот.
Повеќе вагони паднале од пет метри височина врз автомобилите, кои за време на несреќата се движеле под железничкиот мост.
Според првичните сознанија, мостот попуштил под тежината на возот. Спасувачите прво со скала извлекувале патници од вагоните кои виселе, но поради нестабилната положба на возот, целата операција била отежната.
Несреќата се случила на линијата 12, чијашто изградба била проследена со жалби и обвинувања за корупција и неправилности.
Во 2014 година, кратко по пуштањето во употреба на новата линија, сообраќајот бил запрен со месеци поради поправки кои морало да бидат направени.
