Противпожарна бригада

За градот скалата е неопходна, за опозицијата преплатена

04.05.2021 14:37

Градоначалникот Шилегов со повик до антикорупциската комисија да ги испита наводните сомнежи за корупција и судир на интереси при набавката на противпожарната скала. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека е преплатена, оние кои се борат со пламените јазици тврдат дека им е неопходна..

Градоначалникот на Скопје, Шилегов, се обратил до државната комисија за спречување на корупцијата за испитување на набавката на специјализираното возило-противпожарна скала. Од Град Скопје велат дека станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траел шест месеци и чија вредност изнесува 1,7 милиони евра со ДДВ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека противпожарното возило со скала произведено од истиот производител како тоа купено од Град Скопје, градот Загреб го платил по повеќе од двојно пониска цена.

Командантот на противпожарната бригада на Град Скопје изјави дека противпожарната скала за Град Скопје е повеќе од неопходна и е купена по нивна препорака и врз основа на направена анализа.

На тендерот се јавила само унгарската компанија „Хороскоп“. Самиот производител, според него, е должен да обучи осум пожарникари и лица кои ќе ракуваат со опремата бидејќи станува збор за специфична повеќенаменска опрема. Самата корпа на скалата има дополнителна носилка за повредени и дополнителна ПП опрема.

Ана Јосифоска Тодоровска