Масовна имунизација

Метеж и непочитување на дистанцата пред најголемиот вакцинален пункт во Скопје

04.05.2021 14:50

Метеж пред најголемиот вакцинален пункт во државава на почетокот од масовната имунизација на населението. Надлежните се правдаат – граѓаните не ги почитуваат термините што им се одредени. На 48-те пунктови, повеќето ја примаат првата доза од кинески „Синофарм“, но паралелно тече и процесот на ревакцинација со руски „Спутник“. Се очекува да се стигне до 15 илјади боцкања дневно...

Метеж пред најголемиот вакцинален пункт во земјава. Без да одржуваат растојание, спротивно на мерките за заштита од коронавирусот, утрово граѓаните чекаа и по еден час да ја примат првата доза од кинеската вакцина „Синофарм“. Укажаа на пропуст во организацијата на здравствените власти.

-Доцни, не знам што е проблемот, рекоа еден час ќе се доцни.

-Ова покажува дека е неорганизирано, ќе видиме што ќе се случува понатаму, веројатно ќе успеат властите да направат малку поголем ред. Ете добивме вакцини, беше проблем дека нема вакцини, сега немаме организација не разбирам што се случува.

-Дојдени сме за вакцинација и ќе чекаме, сега тоа е.

-Ние немаме култура, за жал. Проблемот е во тоа, чекаме некој да не организира нас надвор луѓето како да стоиме во ред, изјавија граѓани кои чекаа ред за вакцинирање.

Надлежните се правдаат, метеж има бидејќи не се почитува закажаниот термин за имунизација. Вработените во образованието кои ќе го спроведуваат тестирањето на државната матура, од другите градови доаѓале организирано, дел чекале во ред иако терминот за вакцинација им бил подоцна, па така се создал метежот.

-Оваа гужва се прави поради тоа што луѓето не ги почитуваат термините коишто им се дадени од матичните лекари. Граѓаните што се пријавени на вакцинација.мк тие веќе почнаа да се имунизираат исто така и одредена група коишто се ризични и тие добиваат смс порака каде што им се одредува и денот и терминот. Се молат граѓаните да ги почитуваат тие термини за да не се создава ваква гужва, изјави Артан Мемеди, Здравствен дом Скопје.

Во спортската арена „Борис Трајковски“ здравствените тимови вакцинираат на 48 пунктови. Паралелно се врши и ревакцинација со „Спутник В“.

Здравствените власти очекуваат до почетокот на летото ќе имаме висок процент на вакцинирано население, што ќе придонесе за стабилизирање на епидемиолошката состојба во земјава.

Очекувањата на здравствените власти се дневно да се вакцинираат од 10 до 15 илјади граѓани.

Андријана Атанасовска