Слаб интерес за вакцинација во Охрид
Во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид започна масовната имунизација на населението од југозападниот дел на земвава. Покрај од Општина Охрид во овој регионален центар ќе се вакцинираат граѓаните од уште шест општини. Дневно ќе можат да се имунизираат околу 1.500 лица, а за денеска беа пријавени 1.100. Загрижуваат информациите дека бројот на пријавените во електронската евиденција од овој регион е мал.

Во регионалниот центар за вакцинација во Охрид утрото започна масовната имунизација . Во спортската сала „Билјанини Извори“ која располага со 14 приемни пунктови и 28 вакцинални места ќе се вакцинираат граѓаните од општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. За целиот процес да тече без проблеми се грижат 50 медицински лица од целиот регион и вработени од локалната самоуправа.
„Многу убаво, добар пречек, многу убав, не ми беше страв воопшто“.
Имам 80 години точно и 4 месеци. Одлично, презадоволна, супер, љубезни, сите не упатуваат кој каде да одиме, како се чуствуваме. После два дена како дома да реагираме, со одмор, да не пиеме алкохол“- велат граѓани кои ја примија вакцината.
Во југозападниот регион според евиденцијата треба да се имунизираат 310 илјади граѓани, но она што загрижува се неофицијалните информации кои говорат дека засега во електронскиот систем се пријавиле само 15 илјади граѓани.
„Па мислам дека ќе треба малку време, луѓето ќе сватат дека вакцинацијата е единствено нешто со што можеме да ја победиме оваа пандемија. Единствен лек за овој вирус е вакцинацијата, нема добра и лоша вакцина. Точно дека тоа е на доброволна основа меѓутоа луѓето мора да сватат дека мора да се вакцинираат, дека вакцината има минимални несакани ефекти а максимален бенефит“, изјави д-р Горан Балевски- директор на Општа болница Охрид.
Дека регионалниот центар во Охрид има оптимални услови говори и податокот што во рамките на спортската сала е обезбедена соодветна просторија со медицинска опрема за итни сличаи, доколку кај некое лице се случи несакана реакција.
Сашо Нелоски
