Во Лондон состанок на министрите за надворешни работи на Г7
Во Лондон се одржува првиот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Г7, која ги обединува водечките индустријализирани држави. Ова е прва средба од почетокот на пандемијата. Во фокусот на разговорите – зајакнувањето на традиционалните сојузништва, тензиите со Кина и со Русија, пандемијата, сиромаштијата, климатските промени...

По две годишна пауза, поради пандемијата во Лондон министрите за надворешни работи на групата Г7 се сретнаа, а на состанокот како што е најавено, една од главните теми ќе биде односот на западните демократии кон Русија и Кина.
Велика Британија, која инаку претседава со Г7, пред сè, ја гледа шансата за повторно потврдување на западното влијание и решавање на глобалните актуелни меѓународни политички односи како што е опоравувањето од последиците од пандемијата, климатските промени како и односите со Кина и со Русија.
Странските агенции информираат дека агендата сепак не ќе биде иста, за овие две земји и покрај тоа што и Москва и Пекинг се третираат како ривали со закани.
За американскиот и британскиот министер, Ентони Блинкен и Даниел Раб, целта не им е да се запре или задуши Кина туку, западот да го брани меѓународниот правен поредок од оние земји што се обидуваат да го потчинат, вклучуваќи ја и Кина.
„Постојат области за кои треба да бидеме многу јасни, без разлика дали тоа е заштита на економскиот интерес или одбраната на системот заснован на меѓународните правила“, рече Даниел Раб, британски министер за надворешни работи.
„Ако Русија реши да постапува непромислено или агресивно, ќе одговориме, но не сакаме да ескалира состојбата, повеќе би сакале да имаме постабилни односи. И, ако Русија се придвижи во таа насока, и ние тоа ќе го направиме. И мислам дека претседателот Бајден ќе има можност кога ќе се сретне со претседателот Путин да разговара за тоа директно“, вели американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
Според статистиката, бруто домашниот производ на земјите од Групата 7 изнесува околу 40 билиони долари, нешто помалку од половината на глобалната економија. Во наредените две години Групата 7 планира да вложи 10,9 милијарди во развојот на финансиите, посебно во програмата за да им помогне на жените во земјите во развој, за поголемо вработување како и за заздравување на економиите од последиците на коронавирусот.
На Лондонскиот самит, покрај шефовите на дипломатиите на Канада, Франција, Германија, Италија Јапонија, САД и Велика Британија, присуствуваа и претставници од Унијата, Австралија, Индија како и од Јужна Кореја и од Африка.
Мирјана Василева
