Пристигнаа првите 4.850 вакцини обезбедени од ЕУ

04.05.2021 19:11

Пристигнаа првите 4.850 вакцини, обезбедени од Европската унија. Ги донесе еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји. Тие се дел од пакетот со 651 илјада дози за регионов, од кои 119 илјади се за нас. Треба етапно да стигнат до август. Попладнево, еврокомесарот Вархеји со премиерот Заев беа во вакционалниот центар „Борис Трајковски“...

ЕУ се грижи и ги поддржува Северна Македонија и Западен Балкан од самиот почеток на пандемијата. Ова е само почеток и ќе продолжиме да бидеме покрај вас, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји по предавањето на првите дози вакцини против Ковид-19 обезбедени од Европската унија.

„Близу 120 илјади вакцини за Северна Македонија ќе бидат испорачани до крајот на август. Тоа е подарок од ЕУ за Северна Македонија за да ја преброди пандемијата. Се надевам дека целосно ќе го заокружиме процесот на вакцинација. Бидејќи не сме безбедни додека сите не се безбедни“, нагласи Вархеји.

Посочи дека не било лесно да се обезбедат вакцините и искажа голем благодарност до Владата на Австрија.

Австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер, рече дека е среќна што Австрија и ЕУ успеале да обезбедат 650 илјади вакцини за Западен Балкан, од кои речиси 120 илјади се за С. Македонија. Едштадлер истакна дека пандемијата сѐ уште не е готова, но денешниот ден е ден на надеж дека наскоро ќе биде надмината.