Од денеска полициски час од 23 часот, терасите на угостителските објекти ќе работат до 22:30
Владата на вчерашната седница одлучи, полицискиот час од денес ќе почнува во 23, наместо како досега во 21 часот. Соодветно на ова, терасите на угостителските објекти ќе може да примаат гости до 22:30 часот...

По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата вчера донесе одлука наместо од 21 часот, полицискиот час од денеска да започнува од 23 и ќе трае до 5 часот изутрина.
Владата донесе одлука и за измена на работно време на угостителските објекти, односно од денеска тие ќе бидат отворени до 22:30 часот и тоа само на отворените делови, тераси, како што е утврдено со постојните мерки и наменски протоколи.
Комисијата за заразни болести дополнително предложи, а Владата прифати воведување мерка за задолжителна самоизолација (карантин) во траење од 14 дена за сите домашни и странски физички лица – патници кои пристигнуваат од Индија и Бразил заради спречување на ширење на новите соеви на вирусот.
Се уште остануваат во сила сите останати рестрикции со цел заштита на граѓаните од пандемијата од Ковид-19.
Од ЈСП соопштија дека од денеска јавниот превоз ќе сообраќа до 23:00 часот.
Ублажувањето на рестрикциите следува по неколкудневното стивнување на епидемијата. Намален е бројот на навозаболени, хоспитализирани и починати.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 26-ти април до 2-ри мај, регистрирани сe 2.076 нови позитивни случаи од 34 градови во државата,што е намалување од 39,7 отсто во однос на минатата недела. Во истиот период пријавени се 167 смртни случаи од 22 градови, што е за 20,9 отсто помалку во однос на минатата недела.
Според последните податоци, во земјава се активни 13.169 случаи на заболени од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 152.814 заразени со Ковид-19, оздравеа 134.653, а починаа 4.992 лица.
