Политика

Заев: По цена на идентитетот и јазикот, не ни треба ЕУ

05.05.2021 12:50

Заев е оптимист дека е можно решение и со привремената влада на Бугарија, бидејќи е извесно дека таму ќе се случат предвремени избори.

По цена на идентитетот и јазикот, не ни треба Европската унија, нема договор за тоа како се чувствуваме и на кој јазик говориме, и тоа го признава ЕУ, категоричен шефот на владата. Заев е оптимист дека е можно решение и со привремената влада на Бугарија, бидејќи е извесно дека таму ќе се случат предвремени избори.

„По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ? Тоа сме го кажале и досега. Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што е тоа право на самоопределување, тоа е чувство и не постои договор којшто го договара начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност“, рече премиерот Зоран Заев.

До решение со Бугарија смета дека треба да се дојде на европски начин на размислување и драго му е, рече, што и Бугарија „признава и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и за македонскиот народ“.

„Но велат: „Ајде да ги утврдиме корените“. Ќе ги најдеме и корените ако бидеме паметни на европски начин. Затоа што сите ние сме почитувачи на нашето минато, но сме обврзани да ја креираме нашата иднина. Колку што е можно подобро. Регионот ни е мал и мали ни се земјите и колку повеќе се сплотиме, толку повеќе благодат ќе почувствува народот“, истакна Заев одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Ресен.