Рекордна смртност во светски рамки
Втора недела по ред, смртноста од Ковид-19 е рекордна на глобално ниво, соопшти Светската здравствена организација. 45 насто од новозаразените и 25 проценти од смртните случаи се од Индија. СЗО објави дека Британскиот сој е најраспостранет. САД планира имунизација на 70 насто од популацијата до Денот на независноста, 4-ти јули...
Светската здравствена организација соопшти дека втора недела по ред смртноста од Ковид-19 бележи рекорди на глобално ниво. Во минатата недела починале над 93.000 лица, а потврдени се 5,7 милиони нови инфекции. 45 проценти од новозаразените се од Индија, и околу 25 проценти од смртните случаи. СЗО објави дека најраспространет е Британскиот сој на коронавирусот во 142 земји низ светот, Јужноафриканскиот сој е потврден во 97 земји, додека Бразилска варијанта е присутна во 56 земји.
Американскиот претседател изјави дека до 4-ти јули, Денот на независноста на САД очекува барем со една доза од вакцината против Ковид-19 да бидат вакцинирани околу 70 проценти од возрасната популација.
„Како што влегуваме во нова фаза, поставуваме и нова цел. Два месеца од денес, семејствата низ целата земја ќе го прослават 4-ти јули. Нашата цел до 4-ти јули 70% од возрасните Американци да примат барем една доза, а околу 160 милиони да бидат целосно вакцинирани“, рече претседателот Бајден.
Паралелно ги повика да се вакцинираат и младите на возраст од 20-30 години. За таа цел, нареди десетици илјади аптеки кои учествуваат во федералната програма да обезбедат вакцинација без закажување, а ресурсите од федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе бидат пренасочени за поддршка на привремени и мобилни клиники и помали општински локации за вакцинација.
Американската фармацевтска групација „Фајзер“, пак, соопшти дека во 2021-ва година очекува да продаде 1,6 милијарди дози од својата вакцина против Ковид-19 за околу 26 милијарди долари, што е многу повеќе од очекуваното.
Потребна е глобална вакцинација против Ковид-19
Британскиот премиер Џонсон и американскиот државен секретар Блинкен се согласија дека е потребна глобална вакцинација против Ковид-19 за да се стави крај на пандемијата. Се истакнува и важноста на напорите за зголемување на меѓународните производствени капацитети за вакцини.
Истовремено, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен соопшти дека се забрзува вакцинацијата во Европа. Истакна дека до сега се дадени повеќе од 150 милиони дози, и дека веќе во јули ќе има доволно вакцини за 70 проценти од возрасната популација на ЕУ.
Марина Ристова
