Браните преполни, но нема опасност од поплави
Акумулацијата „Глажња“ од кадешто Куманово се снабдува со вода, е преполна. Водата веќе се слева преку браната, но од Водостопанство „Кумановско- липковско поле“ уведуваат дека опасност од поплави нема, бидејќи речните корита се чисти...

Куманово годинава ќе нема проблеми со водоснабдување, бидејќи капацитетот на браната Глажња, од кадешто градот добива вода, е целосно исполнет. Водата веќе се прелива преку браната и се слева во речното корито на Липковка. Но надлежните од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ информираат дека акумулациите се контролираат и состојбата е стабилна.
Оваа глетка последен пат била забележана во 2018-та година. И тогаш како и сега браните Липково и Глажња биле преполни, но нема опасност од поплави. Надлежните од Водостопанство кумановско-липковско поле, уверуваат дека речните корита на Кумановка, Којнарка и Липковка се исчистени.
Капацитетот на браната Глажња е 24 милиони метри кубни вода, додека липковска располага со еден милион и 500 илјади метри кубни вода, кои се доволни за водоснабдување и наводнување на целиот систем.
„Минатата година почнавме со капацитет од 60 проценти околу 18 милиони метри кубни, а ја завршивме со 12, тоа се должи на добра организација имавме систем на наводнување по села и брани, секое село имаше вода 3 дена, 2 дена беше исклучено. Така и оваа година зависно од потрошувачката, ќе ги известивме граѓаните кога би имале кога не вода за наводнување“, вели Оливер Илиевски, директор на Водостопанство „Кумановско- липковско поле“.
Од 2018-та година претпријатието реализирано над 400 интервенции на системот за наводнување, по што значајно се намалени загубите на вода. Во следниот период е планирано да се замени целосната електрична инсталација на Глажња, но и главниот затворач, кој не е саниран веќе 30 години.
Елена Георгиевска
