Мерки

Филипче тврди- одлуката за олабавување на мерките не е политичка

05.05.2021 14:55

Одлуката за олабавување на мерките не е политичка, донесена е во консултација со Комисијата за заразни болести, тврди министерот Филипче. Тие се во согласност со епидемиолошката состојба во земјата. Од вечер, полицискиот час наместо од 21, почнува од 23 и ќе трае до 5 изутрина. Отворените делови на угостителските објекти со гости ќе работат до 22:30...

Одлуката за попуштање на рестриктивните мерки не е политичка, донесена е по претходна телефонска консултација со членовите на Комисијата за заштита од заразни болести, тврди министерот за здравство. Според Филипче, ден подоцна комисијата и официјално ја потврдила ваквата одлука. Мерките се според епидемиолошката состојба.

Наместо од 21, полицискиот час почнува од 23 часот, отворените делови на угостителските објекти ќе мора да затворат половина час порано. Нема зелено светло за отворање на теретаните и за зголемување на бројот на деца во градинките.

По реакцијата на граѓаните дека добиваат СМС пораки за вакцинација во друг град, а не каде што живеат, министерот вели дека според анализата на Мој Термин закажувањата на vakcinacija.mk биле со погрешен избор на локација за боцкање, па системот автоматски им испратил порака со градот што сами ја одбрале.

Во седумте пункта низ државава се врши имунизација со „Синофарм“, а во „Борис Трајковски“ во тек е и боцкањето со втората доза од „Спутник В“.

 

Наташа Јанчиќ- Менковски