Продолжи уривањето на бесправно изградените објекти на охридското крајбрежје
Денеска продолжи уривањето на бесправно изградените објекти долж охридското крајбрежје на потегот од хотелот „Метропол“ до туристичката населба „Лагадин“. Досегашните концесионери на плажите се револтирани поради тоа што не биле информирани за оваа акција и најавија тужби за Општина Охрид поради неправдата што им се прави, посочуваќи дека правните аргументи се на нивна страна.

Како што беше најавено пред празниците од охридската локална самоуптрава , денеска продолжи уривањето на објекти кои што се наоѓаат на парцела 1-1 на Охридското Езеро.
Уривањето на бесправно изградените објекти долж охридското крајбрежје е една од препораките на УНЕСКО, а денеска се урива само на потегот од хотелот „Метропол“ до Лагадин.
Од општина Охрид посочуваат дека објекти од траен или времен карактер повеќе не се дозволени и дека концесиските договори за користење на плажите се одамна истечени. Сепак дел од поранешните концесионери најавија дека ќе ја тужат општината.
„Можам да кажам дека ние како последни концесионери воопшто не бевме известени , фирмата што концесионира „Акапулко“, што значи ќе се видиме во судските ходници. Ние имаме правни аргументи со кои што ќе докажеме дека ова што се прави е голема неправда“, вели Љупчо Нечкоски- поранешен концесионер.
Ќе се отстрануваат и градбите од плажа пред хотел кој што е изграден во далечната 1972 година, што за сопствениците е неправда бидеќи сите хотели на брегот поседуваат сопствени плажи со придружни објекти.
„Во локацијата се вцртани и дејствија, дејанија кои што можеме ние како газди на Хотел „Лагадин“ да ги обавуваме на самата плажа. Грил со шанкови се вцртани. Значи и со документ кој што е валиден ние имаме право да обавуваме угостителска дејност на оваа плажа“, изјави Даница Бачева- сопственичка на хотел.
Од оОпштина Охрид најавија дека по отстранувањето на објектите плажите ќе се вратат во првобитна состојба при што бараат подршка од сите надлежни институции за успешно да се справат со овој повеќедецениски проблем.
Сашо Нелоски
