Четири затворски и една условна казна за „Двојник“
Една условна казна и четири затворски казни за петтемина обвинети што признаа вина во случајот „Двојник“, кој се однесува на издавањето 215 пасоши од МВР на странци кои се бараат со меѓународни потерници...

Вкупна затворска казна во времетраење од шест години и десет месеци одреди Судот на тројца и условна казна од шесет месеци на четвртиот вработен во МВР, за злоупотреба на службената положба, за случајот „Двојник“, за нелегално издавање пасоши на странски државјани.
Судот му одреди казна затвор од две години и три месеци за поттикнување на петтообвинетиот, кој призна вина на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Судот ги прогласи за виновни за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување четворицата вработени во МВР, кои претходно признаа вина и им одреди казни затвор и тоа: казна затвор од две години и седум месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години за обвинетиот Денис Баруфи, казна затвор од две години и три месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години на Ален Личина, на Ѓорѓе Велков казна затвор од две години и мерка забрана за вршење дејност и должност десет години, додека на Фарук Биља, му одреди алтернатива мерка условна осуда од шест месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од две години не го повтори делото, како и забрана за вршење дејност и должност во период од три години. Судот на Раиф Мифтари, му одреди казна затвор од две години и три месеци за кривично дело поттикнување.
Судијката Оља Ристевска посочи дека станува збор за кривично дело „злоупотреба на службената положба“ за кое е предвидено максимална казна затвор до три години.
