СЗО ќе отвора глобален центар за пандемиско разузнавање
Според СЗО, центарот ќе се фокусира на собирање податоци за да се предвидат и да се спречат евентуални идни пандемии...

Светската здравствена организација до крајот на годинава ќе го отвори Глобалниот центар за пандемиско и епидемиско разузнавање во Берлин. Според СЗО, центарот ќе се фокусира на собирање податоци за да се предвидат и да се спречат евентуални идни пандемии.
-Светот научи дека глобалните предизвиците, како што е пандемијата со Ковид-19, можат да се надминат само со заедничка акција. Во меѓувреме, сите сфативме дека СЗО е централната здравствена институција во овој напор. Податоците се суштинска основа за битката против идните пандемии, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.
-Пандемијата ги разоткри дупките во глобалните системи за пандемиско и епидемиско разузнавање, а факт е дека во природата ќе се појавуваат нови вируси кои ќе можат да предизвикаат пандемии или епидемии. Вирусите се шират брзо, но информациите можат уште побрзо, изјави доктор Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Во однос на потеклото на вирусот, СЗО и натаму го отфрла сценариото со лабораторијата, тврдејќи дека веројатно животно го префрлило врз луѓето.
