Во Охрид се вакцинираа околу 1.200 граѓани од седумте општини
Во регионалниот вакцинален центар во Охрид вчера се вакцинираа околу 1.200 граѓани од седумте општини: Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Здравствените работници апелираат населението да пристапи кон масовна имунизација. Лекарите, од струшката болница за Нефрологија уверуваат вакцините се безбедни и само тоа е излезот од пандемијата …

Интересот за вакцинација кај граѓаните од општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Засега е задоволителен. Во текот на вчерашниот ден се вакцинираа околу 1.200 граѓани од сите седум општини.
Со пристигнувањето на 7.200 вакцини во регионалниот вакцинален центар „Билјанини извори“ во Охрид од вторникот стартуваше масовната вакцинација.
Здравствените работници од Специјалната болница за Нефрологија Струга, апелираат населението да го следи нивниот пример и што поскоро да се вакцинира, бидејќи тоа е единствениот излез од пандемијата.
„Јас како лекар се вакцинирав и мислам дека вакцинацијата е единствено решение за да се вратиме сите во нормалниот живот“, вели д-р Јетмир Зиба специјалист интернист од Специјалната болница за Неврологија Струга.
„Како лекар апелирам сите граѓани да се вакцинираат, се вакциниравме и ние здравствените работници. Тоа е единствениот начин за враќање на нашето нормално. Сите кои се против вакцина апелирам да ја сменат својата одлука што поскоро“, вели д-р Елизабета Димовска Чифлигароска лекар физијатар во Специјалната болница за Нефрологија Струга.
Од досега вакцинираните граѓани во земјава, нема ниту еден со негативни последици, а од заболените со корона вирусот имаме илјадници починати. Тоа се факти кои треба да бидат мотив за сите што поскоро да се вакцинираат, велат здравствените работници.
„Во однос на вакцинацијата моја препорака е да го следите мојот пример Јас сум вакцинирана имам заштита вакцините се безбедни можам да ви кажам дека сите сме изморени, но вирусот не е“, вели Валентина Докоска специјалист микробиолог од Специјалната болница за Нефрологија Струга.
Здравствените работници уверуваат дека сите вакцини против корона вирусот се потполно безбедни, ги поминале сите потребни фази пред да бидат на пазарот. Со масовна имунизација светот ќе излезе од пандемијата која повеќе од година го парализира нормалното живеење.
Соња Рилковска
