Шекеринска- Гуерини: Членството во НАТО – инвестиција за стабилноста на Балканот
Членството на држвата во НАТО – инвестиција за стабилноста на Балканот. Во Рим по средбата изјавија министерката Шекеринска и нејзиниот домаќин, италијанскиот министер за одбрана Гуерини. Македонската армија ќе испрати штабен офицер во италијанскиот НАТО корпус. Од Италија поддршка - двете земји имаат одлична билатерална соработка и иста цел, стабилен и просперитетен Балкан за силна Европа...

Стабилен и просперитетен Балкан за силна Европа е заедничката цел и силна основа за одлична билатерална соработка меѓу Италија и нашата земја. Дополнително, придонесот на македонската Армија во КФОР на Косово, под команда на италијански генерал, уште повеќе го засили сојузништвото меѓу двете земји и дава придонес кон безбедноста на евроатлантската област – се согласија министрите за одбрана Радмила Шекеринска и Лоренцо Гуерини на средбата во Рим.
Ние сме најновата членка на НАТО, што нè прави уште помотивирани да бидеме препознатлив сојузник кој дава значаен придонес во безбедноста на сите триесет земји. Развојот на нашиот најголем полигон, „Криволак“, кој од високи НАТО – офицери е оценет како полигон кој нуди сеопфатни услови за развој на интероперабилноста, значи и развој на Алијансата. Македонската Армија започна процес на опремување и модернизација кој е овозможен од стабилното буџетирање на одбраната од кое не отстапуваме, изјави Шекеринска.
Шекеринска го информираше својот колега за одлуката Армијата на Северна Македонија да испрати штабен офицер во составот на италијанскиот НАТО деклариран корпус.
Членството во НАТО за Северна Македонија е навистина значаен чекор кој придонесува за сигурност и стабилност за сте земји во Балканскиот регион. Но исто така верувам дека е важно и за нашиот сојуз, изјави Гуерини.
Гуерини изрази силна поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција.
Марина Тонева Стојанова
