БРЕГЗИТ

Тензично во Ла Манш, британски бродови патролираат околу островот Џерси

06.05.2021 16:00

Риболовот останува спорна точка и по Брегзит. Франција се заканува, Британија праќа бродови околу островот Џерси во Ла Манш. Островот издава дозволи, Лондон бара доказ дека француските рибари и претходно имале пристап до овие води...

Франција и Британија во нов спор околу правата за риболов по Брегзит. Два брода од Кралската морнарица патролираат во Ла Манш откако Париз се закани со блокада на пристаништето Сент Хелиер поради новите правила на Лондон. Од минатата недела, за риболовните активности се бараат дозволи, а сопствениците на пловилата мора да докажат дека и претходно имале пристап до овие води. Досега се издадени околу 40 лиценци на француски бродови кои се опремени со технологија за нивно лесно лоцирање. За Париз, новите технички мерки, воведени во рамките на Спогодбата за трговија и соработка (ТЦА), не биле разгледани со Брисел така што не се сметаат за валидни. При натамошна ескалација, Франција се закани и со прекин на електричната енергија за островот кој го снабдува со 95% од струјата.

„Договорот овозможува реципрочни мерки и ние сме подготвени да ги употребиме. Европа, Франција имаат средства, тие се внесени во пактот. Во однос на Џерси, ќе ве потсетам дека електричната енергија се пренесува преку подводен кабел. Доколку мораме да го направиме тоа, ќе го направиме“, вели Аник Жирардин, министер за морепловство, Франција.

„Француската влада не е подготвена да биде задевана од страна на британската преку нови правила, регулативи кои не се во согласност со договорот“, изјави Жорж Томас, претседател на Здружението за риболов, Буљон.

Британија бара конструктивен пристап за проблемот со најголемиот остров во Каналот, сместен 22 километра до француското крајбрежје.

„Не сакам да го употребам зборот „уцена“, но ова непотребно и значително го зголемува ризикот. Ние се повлекувавме за да ги смириме грижите на Французите, но во одреден момент мора да заземеме позиција“, изјави Дејвид Џонсон, панел за ревизија на Брегзит.

„Џерси лиценцираше над 40 пловила, беа многу прагматични околу ова. А беа и јасни дека ќе ги процесираат и останатите 17 кои се пријавија веднаш штом се добијат податоците“, изјави Џорџ Јустис, министер за животна средина.

Условите за риболов беа утврдени со договорот за Брегзит меѓу ЕУ и Британија, кој влезе во сила на 1 јануари. Според Спогодбата, во следните пет и пол години, на француските рибари сè уште им е дозволено да фрлаат мрежи и во британските води, по што следува постепено намалување на квотите за улов за 25 проценти.

Маја С. Филдишев