ДПА со ново обвинување до Сарачини

21.03.2014 17:32

Покажаа изјава на бизнисмен заверена на нотар кој потврдува дека му биле побарани 10 илјади евра за да добие две концесии од министерството за економија. Ако митото не го дадел нема ниту да ги добие концесиите...

„Министерот за економија, Ваљон Сарачини барал мито од бизнисмен за да додели концесија“,  тврди ДПА и објави нови докази дека има корупција во министерството со кое раководи Сарачини.

Покажаа изјава на бизнисмен заверена на нотар кој потврдува дека му биле побарани 10 илјади евра за да добие две концесии од министерството за економија. Ако митото не го дадел нема ниту да ги добие концесиите.

„Јавна тајна е дека во министерството за економија секоја услуга има цена што треба да се плати ако сакаат да добијат лиценца, концесија или тендер. За изненадување е фактот што оваа ситуација се толерира со години и ништо не се презема да се запре овој криминал“, вели Орхан Ибрахими од ДПА.

По неколкудневен молк министерот Ваљон Сарачини тврди дека во неговото министерство за економија се работело чесно, а доказите  кои ги има ДПА да ги даде на институциите на системот.

„Секогаш сум работел во интерес на бизнисот, секогаш сум работел во интерес на граѓаните на Република Македонија. Вратата на министерството била отворена за речиси секој граѓанин“, изјави Сарачини.

Од ДПА велат дека документите веќе ги доставиле во сите странски амбасади и до  антикорупциската комисија. Изминатите денови ДПА покажа низа документи, за како што велат, корупција во редовите на ДУИ.

Пред корупцискиот скандал со министерот за економија Сарачини објавија дека пратеничката Ермира Мехмети за совети во министерството за одрана секој месец добивала хонорар од 30.000 денари.

Лидерот на ДПА,  Мендух  Тачи пак објави СМС пораки од претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој упорно барал средби со него за да почнат соработка, а за Црвенковски рече дека му сугерирал заедно да го уриваат  Груевски.  Тачи изјави дека не ги презентирал сите пораки од Заев бидејќи биле премногу опасни и за лидерот на СДСМ и за неговото семејство.

 

Миле А. Ристевски