Реформи во образованието

Бојкотот на наставата во мирување, рок до понеделник да се одговори на барањата на родителите

06.05.2021 16:22

Настава од хартиени учебници, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден. Рок до понеделник властите во образовната дејност да ги прифатат барањата на родителите. Не смее да има бојкот, ние го почитуваме интересот на сите засегнати страни, возвратија од министерството...

Настава од хартиени учебници, да се исфрли родово сензитивна содржина од учебниците, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, родителите да бидат вклучени во образовните политики- дел од барањата на родителите од иницијативата „Настава и учебници мора да има“. По средбата со претставници на министерството дадоа рок до понеделник, ако не им одговорат на барањата, најавија протест.

„Тука имавме само претставници од Министерството за образование коишто не беа компетентни да ни одговорат на сите точки. Требаше да има и дел од групата од Бирото за развој на образованието и од СОНК. Одлучивме дека до идната недела ќе ги разгледаат нашите барања. Бараме да се стопира овој предлог- закон, да се отвори јавна дебата и расправа за истиот и ние да бидеме инволвирани во новите реформи коишто јасно се ставени на маса, дека се повеќе и од потребни“, изјави Драгана Спасевска, иницијатива „Настава и учебници мора да има“.

Засега бојкотот на наставата е ставен во мирување. Спасевска уште еднаш повтори дека ова е граѓанска иницијатива без политичка заднина, нагласувајќи дека таа е гласот на родителите, а не на некоја политичка партија. Изразија и незадоволство што министерката Царовска не ги испочитувала да се сретне и да ги слушне барањата од илјадниците родители ширум земјава.

МОН сите реформи ги прави во широка консултација со сите засегнати страни, велат во соопштениеот од Министерството за образование по средбата.

„Министерството за образование и наука како и за сите останати реформски процеси така и за Законот за учебници консултира и го слуша мислењето на сите засегнати страни. Сепак, во носењето на законското решение предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што, тоа не смее да биде причина за бојкот“, соопштуваат од МОН.

Додаваат дека МОН останува отворена институција за соработка со секој заинтересиран поединец, група, граѓанска организација, здружение со намера да даде конструктивен предлог, идеја или коментар за унапредување на содржината и квалитетот на законското решение, земајќи го предвид интересот на учениците.

Ана Јосифоска Тодоровска