Политика

Средба Пендаровски- Мицкоски

07.05.2021 09:13

Според најавите, ќе се разговара за осудените во случајот „27-ми април“ и за актуелната политичко- економска состојба во земјата...

Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во 15 часот ќе имаат средба во Вила Водно. Според најавите од партијата, ќе се разговара за осудените во случајот „27-ми април“ и за актуелната политичко- економска состојба во земјата.

Средбата била закажана по телефонскиот разговор што го имале Пендаровски и Мицкоски, на барање на лидерот на опозицијата.

Мицкоски, рече дека на ваков начин се одмрзнуваат односите меѓу  партијата и претседателот Пендаровски, затоа што, како што посочи, на земјава и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители. Одмрзнувањето на односите со Пендаровски, Мицкоски го оцени како поддадена рака во, како што нагласи, можеби најтешките историски времиња на нашата државност.

Претседателот Пендаровски смета дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Република Македонија. Тоа, вели Пендаровски, може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, што многу недостига во нашата земја.

Ставот, пак, на премиерот Зоран заев во врска со средбата е дека разговор на претседателот на  државата Пендаровски со претседателот на најголемата опозициска партија Мицкоски може да донесе нешто добро, а не штета.