Матичните лекари во Германија ќе одлучуваат за „Астра Зенека“
Сите возрасни граѓани можат кај својот матичен лекар да добијат ваква вакцина, без оглед на листата на групи кои имаат приоритет. Меѓудругото, повеќе не мора да се чека да минат 12 недели помеѓу првата и втората доза на вакцината.

Германија дозволи вакцинирање со „Астра Зенека“, а матичните лекари ќе решаваат кој ќе биде вакциниран со Британско- шведската вакцина. Сите возрасни граѓани можат кај својот матичен лекар да добијат ваква вакцина, без оглед на листата на групи кои имаат приоритет. Меѓудругото, повеќе не мора да се чека да минат 12 недели помеѓу првата и втората доза на вакцината.
„Сакаме да им дадеме на лекарите и на вакцинираните лица флексибилност да решат за втората вакцинација во интервал од 4 до 12 недели, изјави Јенс Шпан, министер за здравство на Германија.
Во однос на останатите вакцини, и натаму е во сила редоследот по приоритетни групи.
„Само во април во Германија успеавме да вакцинираме над 15 милиони луѓе против Ковид-19. Тоа е повеќе отколку во претходните три месеци вкупно. Тоа покажува каква брзина стекнавме“, изјави Шпан.
Меѓудругото, Германија ќе може да понуди вакцинација против коронавирус за сите на возраст над 12 години до крајот на август, под услов европската агенција за лекови да даде зелено светло за имунизација на таа возрасна група.
Путин: „Спутник“ е сигурен како „Калашников“
Претседателот Путин изјави дека руската вакцина против Ковид-19 „Спутник“ е сигурна исто колку и „Калашников“, откако здравствените власти на Русија ја одобрија верзијата на „Спутник“ од која е потребна само една доза- наречена „Спутник лајт“.
Спутник“ функционира на ист начин како вакцините на „Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, односно користи безопасен, мртов вирус, при што делче од коронавирусот се внесува во телото.
„Нашите вакцини се засноваат на технологии и платформи што се користат со децении. Тие се многу модерни и денес, и без никакво сомневање се најсигурни и најбезбедни. Како што рече еден од европските експерти, нашите вакцини се сигурни како автоматска пушка Калашников“, нагласи рускиот претседател, Владимир Путин.
Руската вакцина беше пречекана со голема скепса откако регулаторите ја одобрија уште во август минатата година, но подоцнежните клинички тестирања покажаа дека дава висока заштита од Ковид-19.
Марина Ристова
