Ковид-19

Голем интерес за имунизација во регионалниот пункт во Штип

07.05.2021 13:40

Граѓаните да не доаѓаат на своја рака за вакцина, туку само со закажан термин, апелираат од регионалниот центар за имунизација во Штип. По раширените гласини дека може да се вакцинира секој што ќе дојде во спортската сала „Јордан Мијалков“, граѓаните се изложуваат на ризик да заболат. Сите пријавени ќе бидат опфатени со имунизација, велат надлежните...

Интересот за имунизација во регионалниот вакцинален пункт во Штип е голем, но проблематичен, заради тоа што за вакцина доаѓаат граѓани кои се имаат пријавено на „вакцинација.мк“, но сѐ уште немаат добиено термин за вакцина. Ова се случува по раширените гласини дека во спортската сала „Јордан Мијалков“ се вакцинираат и лица без закажан термин.

Добро е што има интерес за вакцинација, велат надлежните, но мора да се почитуваат правилата. Тоа значи- секој да се јави за вакцина откако ќе добие известување од Мој термин.

Освен според возраста, се врши имунизација и на здравствени работници и вработени во универзитетот „Гоце Делчев“ и локалната власт. Но, и за нив има соодветни термини.

Дневно во Штип се закажуваат околу 1.200 термини за вакцинација, а се реализираат над 900.

 

Славица Величковска