ПРИЛЕП

Упис на првачињата со совладување на новините

07.05.2021 13:47

Уписот на првачињата почна со совладување на новините - можност за електронски и со потврди од стоматолог и од очен лекар. Родителите полека совладуваат, добиваат сесрдна помош од училиштата, а од болницата ги известија и матичните и родителите - да закажат термин, а не мора упат, за преглед кај офталмолог...

Меланија и Ивана се идните првачиња во Прилеп. Возбудени се што ќе седнат во училишните клупи, а нивните родители се со задача - да ги пријават со сета документација. Ги совладуваат и новините - електронско пријавување, или, да дојдат на закажано. Заедно со потврда за стоматолошки и офталмолошки преглед.

Надлежните во училиштата се подготвени да помогнат за електронското. Велат, родителите се интересираат, ние објаснуваме.

Во почетокот на уписот, сѐ уште е рано да се прогнозира кој начин на упис ќе го изберат родителите, но се трудат, објаснуваат психолозите и педагозите.

За да нема проблеми со обезбедувањето офталмолошки преглед, прилепската болница ги извести матичните лекари и родителите дека преку закажани термини, а не мора и упат, да го донесат детето на преглед во болничкиот кабинет за ортооптика.

Инаку, во 10- те прилепски училишта ќе се запишат преку 600 првачиња, речиси исто како минатите години.

 

Елизабета Митреска