Над 200 повредени во судирите меѓу полицијата и Палестинците
Пет европски земји бараат Израел да запре со проширувањето на населбите на Западниот Брег. За Обединетите нации, израелскиот потег може да се третира како воено злосторство...

Над 200 повредени во судирите меѓу Палестинците и полицијата во џамијата Ал Акса во Ерусалим. Офицерите тврдат дека интервенирале за да го одржат јавниот ред кој бил нарушен од бунтот на верниците на одбележувањето на последниот петок од Рамазан. Тензиите почнаа откако Израел им го ограничи пристапот до делови од Стариот град за време на празникот, а ескалираа откако се обидоа да протераат неколку палестински семејства од населбата Шеик Џарах.
-Контактиравме со Меѓународниот кривичен суд и јавниот обвинител, бараме јасен и строг став кон овој брутален чин од окупаторската држава Израел врз невини палестински граѓани, изјави Ријад Малки, министер за надворешни работи на Палестина.
САД апелираа да не се преземаат дополнителни чекори кои ќе ја влошат ситуацијата. Пет европски земји бараат Израел да запре со проширувањето на населбите на Западниот Брег. За Обединетите нации, израелскиот потег може да се третира како воено злосторство.
-Источен Ерусалим останува дел од окупираната палестинска територија во која се применува меѓународното хуманитарно право. Окупаторската сила мора да го почитува и таа не смее да конфискува приватен имот на окупирана територија, изјави Руперт Колвил, портпарол на УНХЦР.
По т.н. „Шестдневна војна“ во 1967 година, Ерусалим е во рацете на Израел. Според годинашната одлука на општинскиот суд, палестинските куќи законски им припаѓаат на еврејските фамилии. Израелците можат да поднесат барање за поседување имот доколку нивните предци имале куќа пред Арапско-Израелската војна. За Палестинците нема таков закон.
Семејствата од Шеик Џарах успеаја да обезбедат доказ дека нивните домови биле добиени од властите на Јордан кои го контролирале источен Ерусалим од 1948 до 1967 година. Врховниот суд на Израел в понеделник има ново сослушување за овој случај.
Маја С. Филдишев
