Кредитен рејтинг

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг

08.05.2021 20:32

Ризиците по растот и јавните финансии доаѓаат од пандемијата, но и од одолговлекувањето на процесот на вакцинација, а „Фич“ нотира дека до крајот на април се имунизирани само 3 проценти од населението...

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, „ББ +“ со негативен изглед. Агенцијата како позитивни страни ги истакнува доброто владеење, бизнис-климата, кохерентната макроекономска и фискална политика, фиксниот девизен курс. Ризиците доаѓаат од високиот јавен долг, структурната невработеност, недоволните вештини на работната сила, сивата економија.

„Иако рестрикциите беа во сила и во првите месеци од 2021 година како резултат на високиот број на случаи на Ковид-19, прогнозираме економски раст од 3,9% во 2021 и 4,3% ВО 2022 година, по падот од 4,4 насто во 2020 година“, наведува „Фич“, од каде посочуваат дека многу работи ќе зависат од зголемувањето на побарувачката и на извозот.

Ризиците по растот и јавните финансии доаѓаат од пандемијата, но и од одолговлекувањето на процесот на вакцинација, а „Фич“ нотира дека до крајот на април се имунизирани само 3 проценти од населението. Можните потреби од дополнителна фискална поддршка и недостигот од детали за плановите за фискална консолидација се ризик за стабилизацијата на државниот долг на среден рок. Дефицитот се искачи на 8,2% од БДП поради потфрлањето кај приходите и четирите пакети антикризни мерки во вредност од милијарда долари, нотира Агенцијата.

„Очекуваме фискалната консолидација да продолжи во 2022 година, со дефицит од 4,7% од БДП, главно заснован на очекувањето дека ќе се повлече трошењето за антикризните мерки и дека ќе им пораст на приходите поддржан од закрепнувањето на економијата“, велат од Фич.

Странските директни инвестиции в година се очекува да достигнат 3,1 процент од БДП.

„Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја и на намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди“, појаснуваат од Министерството за финансии.

На крајот на Извештајот, „Фич“ се осврнува и на спорот со Бугарија кој го одложува одобрувањето на преговарачката рамка. Сепак, Агенцијата очекува да ги почнеме преговорите, иако полноправно членство не би се случило најмалку за 8 години.

 

Мартин Пушевски