Над 50 загинати во експлозија во Кабул
Повеќето од жртвите се ученици. Бомбашкиот напад се случува во период кога САД и НАТО ја завршуваат својата дводецениска воена мисија во Авганистан. Засега никој не презеде одговорност...

Се зголемува бројот на жртвите во ученичкиот масакр во Кабул. Стотина се повредени во трите експлозии кои одекнаа во близина на средно училиште. Првин бил детониран автомобил, а кога учениците почнале панично да бегаат од објектот, биле активирани уште две бомби.
„Куќата ми е до училиштето. Бев во продавница кога експлодираше првото возило, веднаш тргнав кон местото бидејќи излегуваа учениците. Одеднаш одекна и втората експлозија.“
„Заминувавме од школото кога се случи експлозијата. Другар ми е повреден. По десет минути слушнав уште една детонација, па за неколку минути и трета. Сите врескаа, имаше крв насекаде. Ништо не се гледаше.“
Областа Дашт-е-Барчи беше многупати цел на сунитските исламисти. Во западниот дел од Кабул, повеќето жители се шиитски муслимани. Владата на Авганистан ги обвини Талибанците, но групата го осуди нападот и негира каква било вмешаност. Тие контролираат повеќе од половина од територијата, а поради повлекувањето на трупите на САД и НАТО, постои голема неизвесност околу идните чекори на бунтовниците кои би можеле повторно да ги разгорат воените жаришта. Западните земји повикуваа на итно и безусловно продолжување на преговорите со Владата, обвинувајќи ги Талибанците за блокада на мировниот процес. Преговорите кои почнаа лани во Катар, се прекинати. Поради најавен бојкот од страна на Талибанците беше откажана и специјалната конференција во Турција која требаше да се случи во април.
Маја С. Филдишев
