Без добри стратешки документи нема развој на туризмот
Без добри стратешки документи нема развој на туризмот. Кај нас досега, сите стратегии од оваа сфера ги изработуваа странски консултантски куќи. Нашите експерти се вклучуваа подоцна, кога требаше да се прави ревизии на документите, изработувани од странци. Македонските високообразовни институции тврдат дека имаат искуство и знаење. Бараат да им се даде фер шанса...

Ги потценуваме ли нашите експерти и научни работници од областа на туризмот во изминатите три децении? Прашање кое многумина си го поставуваат знаејќи дека од осамостојувањето досега сите стратешки документи за развојот на туризмот на национално ниво ги изработувале странски консултантски куќи. Тендерите што се објавувале уште од самиот старт ги елиминирале македонските образовни и научни институции, бидеќи еден од условите за учество бил критериумот да работеле такви стратегии во неколку земји. И се би било во ред доколку по изработката на тие стратегии не се истакнувале голем број забелешки по што нашите експерти се ангажирале да прават ревизија на истите.
„Наше врвно достигнување како ФТУ секако би било учество во изработка на една таква стратегија на национално ниво и ете еден апел до министерството за економија кога ќе ги прави критериумите за избор на институција која што би изработила една таква стратегија да најде начин да вклучи и домашни експерти од областа се со цел да се направи подобар документ“, изјави проф. д-р Цветко Андреески- декан на Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
Покрај ревизијата на последната национална стратегија за развој на туризмот експертите од ФТУ минатата година изработија стратегии за Охрид, Куманово и градот Скопје, на што се посебно горди.
„Странските искуства се драгоцени, добредојдени и ние ги користиме при изработка на било која студија или стратегија. За пример ќе кажам кога ја работевме стратегијата за развој на туризмот на градот Скопје дека компаративно користевме такви стратегии на слични градови. Главни градови на држави кои што се поставени на реки“, вели проф. д-р Андреески.
Нашата земја е пребогата со историја, култура, долги традиции, природни убавини и многу други нешта. Меѓутоа без добри стратегии кои ќе бидат водич за државата и општините тешко дека ќе ги реализираме нашите замисли за развој на туризмот во 21 век.
Сашо Нелоски
