„Трка на поезијата“ во Струга
Градот на поезијата ќе испишува нова страница и во спортот. Во Струга за прв пат се организира голема спортска манифестација „Трка на поезијата“. Пријавени се 600 учесници од земјава и странство...

Во Струга за прв пат се организира „Трка на поезијата“. Градот на мостовите и поезијата ќе испишува нова страница и во спортот. Настанот ќе биде организиран според со протоколите за заштита од Ковид- 19. Досега се пријавени 600 учесници од цела Македонија, но и од соседните земји.
Целта на оваа спортска манифестација е промоција на спортот, но и креирање на нова туристичка содржина за привлекување гости.
„Имаме посебен протокол за одржување на трката со одржување дистанца при старт на трката. Бидејќи се одржува на отворено, сметаме дека ќе биде нешто позитивно за позитивна енергија во нашиот град“, вели Мими Стојаноска од здружението „Спортски мостови“.
Предвидени се трка од рекреативен карактер во должина од 5 километри и од натпреварувачки карактер од 10 километри, а за анимација на најмладите ќе има и детска трка од 1 километар.
„Стартот е на чаршискиот мост во Струга, трчаме покрај реката Црн Дрим, потоа по крајбрежјето на Охриското Езеро до Евро хотел се враќаме назад низ градот и така се завршува повторно на чаршискиот мост“, вели Стојаноска.
Три децении во Струга нема градска трка. Токму затоа спортисти и ентузијасти ја организираат првата спортска манифестација , која се планира да премине во традиција. Трката ќе се одржи на 23-ти мај, а ќе се трча на кејот на реката Црн Дрим и на брегот на Охридското Езеро.
Соња Рилковска
