Менкиновски: Сѐ поизвесен е меѓународниот мониторинг на случајот со Камчев
Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев на прес-конференција откако белешка на Агенцијата за национална безбедност протече во јавноста. Адвокатот Менкиновски тврди дека оние кои биле вклучени во определувањето притвор на неговиот клиент ја злоупотребиле службената положба. Од Обвинителството, пак, рекоа дека имало и други основи Камчев да заврши во „Шутка“...

Сѐ поизвесен е меѓународниот мониторинг на случајот со притворањето на бизнисменот Јордан Камчев – тврди неговиот адвокат Тони Менкиновски. Тој смета дека ставањето во притвор на бизнисменот не е ништо друго освен ограничување на слободата на движење. Менкиновски ова го темели на фактот што на Агенцијата за национална безбедност не ѝ е во надлежност да го следи бизнисменот, бидејќи не станува збор ниту за шпионажа, ниту за екстремизам или други безбедносни закани по државата.
Според одбраната - АНБ, обвинителката Лиле Стефанова која побарала притвор, судијата во претходна постапка и судиите од кривичниот совет ја злоупотребиле службената положба.
За разлика од Менкиновски, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска деновиве рече дека белешката на Агенцијата за национална безбедност не била „крунски доказ“ за обвинетиот Јордан Камчев да добие притвор, туку имало и други основи.
Агенцијата за национална безбедност, пак инфомрираше дека во рамки на нејзините надлежнолсти до Обвинителството доставила информација за добиени сознанија оти Камчев се подготвувал за бегство во странство. Камчев заврши во притвор на 14-ти март 2021-ва како осомничен во случајот „Плацеви на Водно“ што се однесувања на перење пари за купување земјиште. На Камчев му се суди и во предметот „Империја“.
Миле Ристески
