Филипче до крајот на летото очекува колективен имунитет

09.05.2021 17:06

Месецов се очекуваат 100 илјади вакцини од „Синофарм“ и уште половина милион од „Синовак“. Сите кои се пријавиле до 30-ти април, деновиве ќе добијат термин за вакцинација...

До крајот на летово очекуваме колективен имунитет, вели министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа. Тој информира дека месецов се очекуваат 100 илјади вакцини од „Синофарм“ и уште половина милион од „Синовак“. Сите кои се пријавиле до 30-ти април, деновиве ќе добијат термин за вакцинација.

„Решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај, ќе добијат термин за вакцинација преку СМС-порака или мејл, со точно време и пункт каде треба да се јават“, рече Филипче.

Посочи дека се става приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелира граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот „Мој термин” за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

Нема никаков сомнеж во ефикасноста на ниту една вакцина, нагласи Филипче, и додаде дека Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови сега ги евалуираат и сите други вакцини од други производители кои засега од нив не се одобрени, а тоа, рече, ни укажува дека сите вакцини се ефикасни.