ШКОТСКА

Старџен: Прашањето не е дали, туку кога ќе има референдум

10.05.2021 12:40

Шкотската национална партија не отстапува од нов референдум за независност. По победата на парламентарните избори, премиерката Старџен нагласи дека гласањето е неизбежно, треба да се утврди само терминот. Премиерот Џонсон ги повика лидерите во Обединетото Кралство на кризен состанок за унијата …

„Не е прашање дали, туку кога ќе има втор референдум за независна Шкотска“, му порача премиерката Никола Старџен на британскиот владин кабинет. Одделувањето од Обединетото Кралство останува високо на агендата на Шкотската национална партија која си ја зацврсти позицијата во законодавниот дом во Единбург по победата на парламентарните избори. Старџен предупреди – секој политичар од Лондон кој ќе се обиде да го попречи патот до целта, ќе се соочи со демократската волја на шкотскиот народ.

-Парламентот ќе процени кога е вистинскиот момент. Во нашиот манифест наведов дека би сакала да се случи во првата половина од овој парламентарен мандат, но приоритет е пандемијата. Владата на Обединетото Кралство е против независност, и тоа е легитимно право. Но народот на Шкотска е единствениот кој носи одлука за ова прашање, изјави Никола Старџен, премиерка на Шкотска.

Премиерот Џонсон ги повика лидерите во Обединетото Кралство на кризни состаноци за случувањата во Унијата. Тој има овластување да дозволи или забрани нов референдум, но и натаму тврди дека прашањето било решено на гласањето во 2014 година кога 55% од граѓаните на Шкотска се изјасниле да останат во Велика Британија. Министерот Гоув ги отфрли шпекулациите за почнување на судска постапка, кои според него, биле начин да се оттргне вниманието од проблемите со пандемијата со Ковид-19.

-Ако се вовлечеме во дискусии за референдуми, устави и слично, вниманието го пренасочуваме од важните прашања за Шкотска и Обединетото Кралство. Мислам, се надевам дека народот сака посветеност за овие прашања и од владата на Холируд и од Вестминстер. Наместо да се концентрирале на нештата што нè делат, ајде да се фокусираме на работите кои нè обединуваат, изјави Мајкл Гоув, министер во владиниот кабинет.

Народот на Шкотска со поделено мислење.

-Од Еринбург сум, но работам во Лондон, па загрижена сум за идејата за независност. Морам да патувам во Англија и мислам дека тоа ќе ми влијае негативно на кариерата, изјави граѓанка.

-Ова се подготвува долго време, и со нетрпение чекам да се случи. Ние сакаме сами да ја водиме земјата и така ќе биде, изјави друга граѓанка.

Идејата за нов референдум се врати во игра по Брегзит. Со независноста на Шкотска, Британија би загубила 8% од населението, и третина од територијата.

 

Маја С. Филидшев