Триесетина деца затруени со храна во градинка во Куманово
Во тек се вонредни инспекциски контроли во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, откако околу 30 деца кои биле згрижени викендов се пожалиле на симптоми на труење со храна. Три дечиња во моментов се хоспитализирани на детскиот оддел во кумановската болница. Во трите објекти на градинката, увид вршат надлежните инспектори. Кујната кадешто се подготвувала храната е затворена. Од градинката велат, резултатите ќе покажат за што се работи, ние ги почитувавме мерките за заштита на децата...

Околу 30 деца кои биле згрижени во кумановската градинка „Ангел Шајче“ со симптоми на труење се примени во општата болница. Децата се на возраст од две до шест години. На детскиот оддел на лекување се задржани три деца, а останатите по укажана лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Дечињата од петокот се жалеле на болки во стомакот, грчеви и дијареа.
„Кога се работи за повеќе деца од иста градинка, или иста просторија, тогаш може да е некоја интоксикација алиментарна, може некоја инфекција што е внатре. Случајот е пријавен во Центарот за јавно здравје“, вели Агрон Сулејмани, началник на детски оддел при Општа болница Куманово.
Дел од родителите пак посочуваат дека бројката на деца кои се затруени е двојно поголем бидејќи, голем број од нив, децата ги однеле во Скопје.
„Два пати бевме на детското одделение во Куманово, инфузија му дадоа и го пуштија на домашно лекување. Се што ќе излезе или ќе поврати или тешка дијареа, детето е исцрпено. Над 50-60 деца не знам точна бројка, матичната ми рече огромен број на деца само од две градинки доаѓаат од Куманово“, вели еден родител.
Од државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека е почнат вонреден инспекциски надзор.
Во трите објекти на градинката „Ангел Шајче“ од утринава се инспектори од ДСЗИ, Агенцијата за храна и ветеринарство и екипа од Центарот за јавно здравје Куманово. Тие ќе земат брисеви од повеќе површини од објектите, за да се утврди дали изворот на заразата е во градинката.
Од кумановската градинка укажуваат дека во тек се епидемиолошките истражувања. По одлука на службите, кујната е затворена.
„Кујните се реновирани, имаме професионална опрема за тие кујни, професионални се и самите вработени, но што ќе излезе ќе видиме на крајот“, посочи директорката Марина Алексовска.
Од градинката тврдат дека ги презеле сите мерки за заштита на децата, но додека не бидат готови резуталтите не можат да кажат од што се затруле. Од ДСЗИ укажуваат дека се земени седум брисеви од нежива средина и еден од вработен.
Елена Георгиевска
