Бројот на претставки од незадоволни осигуреници зголемен за 56%
За првите три месеци годинава до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) се поднесени 36 претставки од осигуреници кои не се задоволни од работата на осигурителните друшта од кои купиле полиси за осигурување...

За 56 отсто е зголемен бројот на претставки поднесени од осигуреници незадоволни од услугите на компаниите од кои купиле полиси за осигурување, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за првите три месеци годинава. Согласно со Законот за супервизија на осигурување секој осигуреник има право да поднесе претставка до АСО доколку е незадоволен од работата на компанијата од која ја купил полисата за осигурување.
За периодот јануари – март осигурениците поднеле вкупно 36 претставки против осигурителни друштва наспроти 23 претставки поднесени во истиот период лани. Од поднесените претставки АСО во четири случаи одлучил во корист на осигурениците кои биле подносители на претставки, за 17 предмети постапката е во тек, а за две претставки е утврдено дека се поднесени без основ за постапување. Во девет случаи причина за претставката била висината на понудениот надоместок за компензација на настанатата штета. Тие претставки не се процесирани затоа што АСО не одлучува за висината за понудениот надоместок за штета. Во корист на компаниите се решени три од сите поднесени претставки.
Во првите три месеци претставки поднеле 30 физички лица и шест правни лица.
Од аспект на видот на осигурување најмногу претставки – 13 се поднесени за штети од автоодговорност (задолжително осигурување). За оштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 10 претставки, а пет се однесуваат на незадоволни осигуреници од осигурување имот. Три претставки се за осигурување живот, а по една за патничко осигурување, каско осигурување и земјоделско осигурување.
Најмногу осигуреници вкупно 13 се жалеле на основот за исплата на штета. Деветмина на висината на понудениот надоместок, четворица реагирале на обработката на штетата, по една претставка има за рок на плаќање, одговор по приговор и висина на регрес. По останати основи се поднесени пет претставки.
