Концерт

„Музичко патување“ во Филхармонија со македонски солисти

11.05.2021 11:21

На програмата за Концертот за кларинет и виола оп.88 од Брух и Симфонијата бр.4 –„Италијанска“ од Менделсон. Солисти се Здравко Ангелов (кларинет) и Илза Бафтиари (виола), а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

„Музичко патување“ е насловен концертот кој ќе се одржи в петок во 20 часот, во Филхармонија. На програмата за Концертот за кларинет и виола оп.88 од Брух и Симфонијата бр.4 –„Италијанска“ од Менделсон. Солисти се Здравко Ангелов (кларинет) и Илза Бафтиари (виола), а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Македонскиот кларинетист Здравко Ангелов го започнува музичкото образование на 7-годишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2000 година во класата на проф. Иван Кочаров, а магистрира во 2012 година на истиот факултет во класата на проф. Стојан Димов. Повеќе од 15 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија. Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава музицирајќи.

Илза Бафтијари започнува да учи виолина од 9-годишна возраст во класата на проф. Сихана Бадивуку. На 16-годишна возраст започна да изучува виола во класата на проф.Јован Бицевски во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а додипломските музички студии ги изучува во класата на проф.Фросина Балова. Има одржано бројни концерти и рецитали со својот брат Шкељзен Бафтијари, пијанист. Настапува и во камерни состави, а два пати како солист со Македонската филхармонија. Бафтијари работи и во оркестарот на Косовската филхармонија, а од 2020 година е редовно вработена во Македонската филхармонија. Член е и на оркестарот на Музичка младина, а редовно снима филмска музика во оркестарот „Фејмс“.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.