Комитет за превенција на тортура

Критики за затворските услови и за бруталноста на полицијата во земјава

11.05.2021 12:47

Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни, го објави извештајот за Македонија. Во него се наведува дека полициската бруталност е во пораст, а властите не успеале да преземат доволно мерки за да ги решат долгогодишните структурни недостатоци во затворскиот систем...

За време на посетата, делегацијата на Комитетот за превенција на тортурата доби бројни обвинувања за физичко малтретирање нанесено од полициски службеници врз осомничени за кривични дела. Тие и се пожалиле на делегацијата на Комитетот дека биле подложени на удари со шлаканици, тупаници или клоци и тепање со пендрак или други предмети за време на апсењето или во полициска станица, со цел да извлечат признание од нив. Извештајот, долг 101 страница, содржи описи на неколку случаи во кои делегацијата собрала медицински докази за да ги поткрепи овие наводи.

Извештајот на КПТ, е многу критичен кон континуираното одбивање на властите да поправат одредени фундаментални недостатоци во затворскиот систем.Тежината на овие проблеми е најголема во затворот Идризово, во кој се сместени над 60 проценти од вкупната затворска популација на земјата.

Македонските власти во својот одговор даваат детални информации за преземените мерки за спроведување на препораките дадени од КПТ.

„Разговорите на високо ниво, во кој е вклучен премиерот на Северна Македонија, ја покажува работата на властите на Северна Македонија да се вклучат и да ги имплементираа препораките на КПТ“, нагласи претседателот на КПТ, Алан Мичел.

Тоа покажа дека има сериозни прашања кои треба да се решат, а во врска со посетата од 2019-та година, интензивни консултации се одвиваат помеѓу КПТ и Северна Македонија, сѐ со цел да се имплементираат препораките од претходниот извештај. Но работите се движат цело време, се надеваме во позитивна насока, додава Мајкл Неваутер, заменик извршен секретар при КПТ.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбург за МРТ