Масовна вакцинација и во Струмица
Југоистокот добива вакцинален пункт. Граѓаните од регионот со околу 200 илјади жители, ќе може да се вакцинираат против Ковид-19 во Струмица …

Масовна вакцинација до крајот на неделава ќе има и во Струмица. По реакцијата на граѓаните од југоисточниот регион дека треба да патуваат до Штип или Кавадарци, општината иницирала барање до Министерството за здравство, по што добиле и амин. Струмичката болница со стартот на пандемијата кубуреше со персонал, но сега првиот човек на општината вели дека медицински персонал ќе има доволно на вакциналните пунктови.
Според утврдената динамика, се очекува пунктовите да бидат поставени до петок, со што паралелно преку Мој термин, граѓаните да побараат и термин за вакцинација.
Од Здравствениот дом немаат конкретна бројка колку од популацијата веќе ја има примено некоја од вакцините за Ковид-19, ама затоа пак јасна е статистиката дека во југоистокот, околу 3.500 граѓани од возрасната популација над 70 години имаат примено вакцина.
Стојне Митева
