Годинава раст на економијата од 3,9%, целосно заздравување идната година
По падот на БДП од 4,5% лани, годинава се проектира закрепнување на македонската економија со раст од 3,9%. На среден рок, Народна банка прогнозира закрепување со стапки на раст од 3,9% и 4% во 2022-ра и 2023-та. Целосно заздравување од ковид- кризата, се очекува идната година...

Релаксираната монетарна политика преку намалување на основната каматна стапка, вбризгување на дополнителна ликвидност и регулаторна флексибилност имаат за цел поддршка на економијата вели гувернерката на Народната банка, Бежоска. Посочува дека со макроекономските проекции за годинава се очекува раст на економската активност од 3,9%, умерена инфлација од 2 проценти, и солидна кредитна активност на банкарскиот систем. Според Бежоска, економијата ќе закрепнува, но ризиците и натаму остануваат.
Стапката на инфлација се очекува да биде умерена од околу 2 процента. Според Бежоска порастот на цените е поради очекуваниот пораст на увозните цени, пред сѐ кај енергенсите и храната, но вели дека на среден рок не се очекува сериозен ценовен притисок.
Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Се предвидува да изнесува 5,8 проценти.
На седницата на Советот на Народната банка беше посочено дека здравствената криза ги погоди сите економии. Според проценките на ММФ, оваа криза ќе има помали последици споредено со 2008-та година. Меѓународниот монетарен фонд прогнозира раст на развиените економии во 2021-ва и 2022-ра, поради подобрите очекувања и забрзаниот процес на масовна имунизација.
Дијана Ценевска
