Ковид-19

Офицер од мисија во Африка ќе биде хоспитализиран на Инфективната клиника

11.05.2021 14:49

Македонски офицер во Мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република, сомнителен на Јужноафриканскиот сој. Потполковникот ќе биде хоспитализиран на скопската Инфективна клиника. Тој е во добра здравствена состојба, вели министерката Шекеринска. Дополнително ќе се прават испитувања за точниот сој на вирусот...

Потполковник во Македонската армија, во мисијата на Европската унија во Централноафриканската Република, позитивен на Ковид-19 и сомнителен на Јужноафриканскиот сој. Поради тамошните несоодветни услови за лекување, ќе биде хоспитализиран на скопската Инфективна клиника, вели министерката за одбрана Шекеринска.

Посочи дека офицерот е во добра здравствена состојба. По неговото пристигнување ќе се прават дополнителни испитувања за точниот сој на вирусот.

„Потполковникот е во добра состојба, ова утро се слушнав и со членовите на неговото семејство, очекувам се да помине во најдобар ред. Очекувам веднаш по овој медицински транспорт кој не е едноставен, потполковникот да биде испратен на Инфективната клиника за да се следи состојбата. Клучната причина поради која се одлучивме на ваква евакуација е поради тоа што во ЕУ мисијата има т.н Рол 2 болница, која не може да му пружи нега на потполковникот, доколку неговата здравствена состојба се влоши“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Медицинската евакуација е во соработка со европските служби за надворешни односи. Јужноафриканскиот сој на коронавирусот во земјава досега не е регистриран. Доколку се утврди ова би бил прв случај.

Искуствата од земјите кадешто е присутен покажуваат дека се шири побрзо и полесно од другите соеви и е поопасен.

Здравствените власти смируваат- нема простор за паника.

 

Наташа Гркова- Петрушевска