Македонија

Куманово: Подобрена состојбата на затруените деца

11.05.2021 15:02

Подобрена е здравствената состојба на затруените деца од кумановската градинка „Ангел Шајче“. На детскиот оддел при општата болница се хоспитализирани пет деца, а бројката на затруени се искачи над 45. На расчистување на случајот работат Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и епидемиолози од Центарот за јавно здравје Куманово. Резултатите ќе се знаат за неколку дена.

Уште две дечиња кои биле згрижени во кумановската градинка „Ангел Шајче“,  со симптоми на труење, се примени на детскиот оддел при општата болница. Вкупно хоспитализирани се 5 деца. Нивната здравствена состојба е подобрена, информираат од кумановската болница. Помош на детскиот оддел досега побарале над 45 дечиња од градинка, кои по укажаната терапија се пуштени на домашно лекување.

„Немаме деца што се во тешка состојба, освен пет што беа малку подехидрирани во разлика со другите деца, што се на домашно лекување тие се на болничко лекување, но се подобрени“, вели Агрон Сулејмани, началник на детски оддел при Општа болница Куманово.

Од детскиот оддел нагласуваат дека периодов активни се и вирусните инфекции, па двојно поголема е бројката на деца, кои се јавуваат со слични симптоми, а кои не посетуваат градинка. Затоа велат да ги почекаме резултатите. Детскиот оддел го посетиле и епидемиолози од Центарот за јавно здравје Куманово, при што зеле брисеви.

Надлежни инспекторати од вчера започнаа вонреден инспекциски надзор во кумановската градинка. Земени се брисеви од неколку површини од трите објекти. По нивна одлука е затворена и кујната, во којашто се подоговувале 350 оброци дневно. Забранети се за употреба и занималните во кои што биле групите во кои се регистрирани децата со симптоми на труење со храна.

Случајот го истражуваат инспектори од санитарниот и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна, заедно со здравствени лица од Центарот за јавно здравје Куманово. Резултати најавија за неколку дена.

Елена Георгиевска