Ако падна Партизан, зошто не и Звезда
Да се допатува во Белград со идеја да се победи Црвена Звезда, навидум е лудост и неостварлива цел за најголемиот дел од екипите во кошаркарската АБА Лига.

„Црвено-белите“ се водечки на табелата, со убедливо најдобар ефект од сите во регионалното друштво, сигурни учесници на „фајнал фор“ турнирот и згора на се, непоразени на домашен паркет во тековнава сезона.
Но, МЗТ Скопје Аеродром е најнепредвидливиот тим во јадранската конкуренција. Нашиот првак е една од само двете екипи којашто годинава ги совлада „вечните“ ривали од Белград (Звезда во Скопје, а Партизан во „Пионир“), а на две кола пред крајот на лигашкиот дел од сезоната е во голема трка по шестото место на завршната табела коешто води во Еврокупот.
Имајќи предвид дека македонската екипа ја подигна формата, оти во моментов е во подобра позиција и од Игокеа и од Крка, коишто и се конкуренти за посакуваната позиција и особено дека во последното коло ќе има релативно лесен меч дома со Раднички, никој, па ни Белграѓани не би смееле да го потценат МЗТ.
Дополнителен факт на којшто нашиот тим темели и уште поголеми надежи за поволен расплет на гостувањето во „Пионир“ е тоа што вечерашниот дуел е апсолутно неважен и безначаен за Црвена Звезда. Секако ќе заврши на првата позиција, а веќе во вторник и претстои реванш со украински Будивелник од четвртфиналето во Еврокупот. На гости загуби само со три поени разлика, па шансата за прогрес во завршницата и е огромна, особено и поради поддршката што ќе ја има од трибините. Во таква ситуација, може и да се претпостави дека тренерот Дејан Радоњиќ против МЗТ барем делумно ќе поштеди дел од поединците на коишто паѓа најголемиот товар.
Сепак, белградските „црвено-бели“ тешко можат да заборават дека еден од само четирите порази го доживеаја во Скопје. На 15 декември во Арената „Борис Трајковски“ беше 65-58 за македонскиот кошаркарски шампион. Со евентуален триумф вечер, составот на Зоран Мартич речиси сигурно ќе ја завршни втората АБА сезона на шестата позиција, што ќе значи и подобар пласман во споредба со дебитантскиот настап лани.
Преносот од натпреварот Црвена Звезда-МЗТ Скопје Аеродром е од 19 часот, на МРТ-1.
