ИЗРАЕЛ

Вонредна состојба во градот Лод по бунтот на израелските Арапи

12.05.2021 09:44

Палестинците бунтовници истрелаа стотици ракети кон Тел Авив по воздушните напади од непријателот врз Појасот Газа, при што била уништена и кулата Ханади којашто е седиште на раководството на Хамас...

Израел прогласи вонредна состојба во градот Лод по бунтот на израелските Арапи откако ескалираше судирот со Палестинците. Во насилствата беа повредени десетина лица, а демонстрантите опожарија и многу возила и неколку синагоги. Израелскиот премиер Нетанјаху порача – Хамас и исламскиот џихад ќе платат уште повисока цена поради нивната агресија.

-Хамас ќе добие удар каков што не очекува, знам дека за ова е потребно трпение и одредена жртва од ваша страна, граѓани на Израел. Имам и збор-два за Арапите во Израел. Вчерашниот дивјачки напад од млади луѓе е неприфатлив. Ќе сториме сè за да ги зачуваме редот и мирот, изјави Бенјамин Нетанјаху, Премиер на Израел.

Палестинците бунтовници истрелаа стотици ракети кон Тел Авив по воздушните напади од непријателот врз Појасот Газа, при што била уништена и кулата Ханади којашто е седиште на раководството на Хамас. Израел, пак, тврди дека ги напаѓа нивните позиции поради ракетирањата врз Ерусалим и други места. Во вооружената пресметка загинаа над 40 лица, вклучувајќи и десетина деца.

-Газа и Ерусалим повторно ја нацртаа мапата, се обединува онаа Палестина што ја познаваме ние за доброто на Ерусалим и Ал Акса, за доброто на сите свети места, изјави, Џамал ал Тавил, лидер на Хамас на Западниот Брег.

Иран ги повика Палестинците да ги здружат силите против непријателот.

-Слабоста на Зионистите е разоткриена пред сите, и сите се обврзани да заземат став и да го осудат овој зол, див и брутален злостор. Палестинците мора да стана посилни и да се спротивстават, да ја натераат спротивната страна да запре со злосторствата и да им се предаде на правдата и праведноста, изјави Ајатолах Али Хамнеи, Врховен лидер на Иран.

Тензиите почнаа да се зголемуваат во последните неколку недели откако беа регистрирани серија насилни судири меѓу израелската полиција и палестинските демонстранти кај џамијата Ал Акса, која се смета за свето место и за муслиманите и евреите. Состојбата дополнително се влоши со планот за протерување на палестинските семејства од населбата Шеик Џарах во источен Ерусалим.

 

Маја С. Филдишев