Македонија ги отвора вратите за шпанските инвеститори
Македонија ги отвора широко вратите за шпанските инвеститори- во Мадрид порака од Владата до бизнисмените. Го следиме развојот, интерес има за обновливите извори на енергија и менаџментот со води, потврди бизнис еснафот. Премиерот Заев во официјална посета на Шпанија...

Земјава ги отвора вратите за шпанските инвеститори. Ова го порачал премиерот Заев на средбата претседателот на шпанската конфедерација на бизнис организации Гараменди.
Претставувајќи ја економската програма за финансиска поддршка за директни странски инвестиции премиерот ги претставил сите даночни, царински поволности и другите олеснувања за странските компании додавајќи дека земјава како крстопат на западен Балкан и на југоисточна Европа, претставува средина кој натаму нуди развој и бизнис проширување за други пазари.
„Нашата економија се развива врз принципите на слободниот пазар и ги негува најдобрите европски и светски вредности за водење бизнис. Северна Македонија развива пријателска средина за странските инвестиции и тоа го потврдуваат десетици најреномирани компании од светот. За шпанските инвеститори од посебен интерес можат да бидат вложувањата во зелената дигитална економија, обновливите извори на енергија, земјоделството и транспортната инфраструктура како поволни области за соработка“, потенцира премиерот Заев на средбата со Гараменди.
Според Гараменди, се следи развојот на Северна Македонија, перформансите на бизнис средината во земјата и дека една од главните причини за интересот на бизнисмените од оваа конфедерација се должи на стабилната и предвидлива економска ситуација.
„Конфедерацијата ќе даде сериозен придонес Северна Македонија да биде ставена на мапата за инвестиции на шпанските компании кои, во најголем дел покажуваат интерес за инвестиции во сферата на инфраструктурата, обновливите извори на енергија и менаџментот со води, посочил Гараменди.
Двете земји прават сериозни напори за заздравување и мобилност на економијата по големите ограничувања наметнати од глобалната здравствена криза.
Фиљана Кока
