Масовни протести во повеќе држави во светот
Израелското знаме гореше пред неколку синагоги во Германија. Во Лондон, пропалестинските демонстранти се судрија со полицијата...

Протестите во Ал Акса и планот за етничко чистење на Шеик Џарах беа увертира за повторно разгорување на израелско-палестинскиот конфликт. Во градот Лод е прогласена вонредна состојба по бунтот на израелските Арапи во кој има повредени. По воздушните напади врз Појасот Газа, палестинските бунтовници го ракетираа Тел Авив. Жртви има и на двете страни, вклучувајќи и деца. И покрај повиците за прекин на огнот, борбите продолжуваат, реториката се заострува.
-Хамас ќе добие удар каков што не очекува, знам дека за ова е потребно трпение, но и одредена жртва од ваша страна, граѓани на Израел. Имам збор-два за Арапите. Вчерашниот дивјачки напад од млади луѓе е неприфатлив. Ќе сториме сè за да ги зачуваме редот и мирот, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
-Газа и Ерусалим ја прецртаа мапата, се обединува онаа Палестина што ја познаваме ние за доброто на Ерусалим и Ал Акса, за доброто на сите свети места, изјави Џамал ал Тавил, лидер на Хамас на Западниот Брег.
Последните случувања поттикнаа масовни протести и на глобално ниво.
-Дипломатијата не ни даде никаков резултат. Отпорот на народот мора да се поврзе со вооружена акција бидејќи ционистичките непријатели секојдневно вршат напади и убиваат наши луѓе, изјави Азми Мансур, претседател на Здружението за борба против ционизмот и расизмот, Јордан.
Израелското знаме гореше пред неколку синагоги во Германија. Во Лондон, пропалестинските демонстранти се судрија со полицијата. Пред израелскиот конзулат во Менхетн со учесниците на собирот за поддршка на еврејската држава.
Битката за Светиот град е милениумски спор, а Ерусалим и натаму е буре барут на Блискиот Исток. Ни Израел ни палестинската страна не отстапуваат од барањата така што посредувањето на Египет засега се гледа како единствено потенцијално решение во процесот за постигнување на примирје.
Маја С. Филдишев
