Ковид криза

Занаетчиите сѐ уште не добиле финансиска поддршка за плати за февруари и март

12.05.2021 15:55

Занаетчиите во земјава сѐ уште не ја добиле финансиската подршка за плати за февруари и март. Од надлежното министерство засега не добиле одговор зошто субвенциите доцнат поради што се загрижени за својот опстанок. Велат дека се благодарни за досегашната подршка но доколку во скоро време не добијат финансиска помош дел од занаетчиите ќе стават клуч на нивните дуќани.

Занаетчиството како нископрофитабилна дејност беше во криза уште пред пандемијата и неможе да опстане, особено во сегашните услови без финансиска подршка од државата. Од Занаетчиската комора на Македонија посочуваат дека оваа дејност е позагрозена од угостителството бидеќи еден поугледен угостителски објект во Охрид за само еден продолжен празничен викенд има поголем промет и заработувачка отколку еден чевлар за цела година. Поради тоа се загрижени што сеуште не добиле финансиска подршка за плати за фебруари и март.

„Контактиравме со кабинетот на вицепремиерот за економски прашања господинот Битиќи, досега одговор немаме добиено зошто занаетчиите немаат добиено финансиска, парична помош за фебруари и март. Помина парламентот, тука беше закочена работата, се очекува само исплатата“, изјави Сашо Богоески- потпретседател на Занаетчиска комора на Македонија.

И покрај тоа што лани беа субвенционирани платите и занаетчиите не плаќаа персонален данок сепак тешко опстојуваат. За тоа говори податокот што во Охрид само 5 од 230 занаетчии не подигнале скапи кредити во комерцијалните банки.

„Занаетчиите се паушално оданочени, неможат да аплицираат во Банката за обнова и развој, владината банка затоа што не ги исполнуваат условите. Паушално оданочените занаетчии немаат завршна сметка, кој е потребен документ на банката за да добијат бескаматни кредити“, вели Богоески.

По завршувањето на коронакризата занаетчиите бараат да биде усвоен предлог законот за субвенционирање на занаетчиството што го доставиле до владата во 2019-тата, бидеќи во спротивно занаетчиството во земјава полека но сигурно ќе згасне.

 

Сашо Нелоски