Колабира дел од снабдувањето со нафтени деривати во САД
Кибернетичкиот напад на хакерската група „Темна страна“ предизвика последици врз американската економија. Некои од федералните држави прогласија вонредна состојба, не работат над илјада бензински пумпи, рапидно е зголемена побарувачката за бензин. На удар е и работата на американските авиокомпании…

Неколку држави во САД прогласија вонредна состојба поради блокадата на најголемиот американски нафтовод, не работат над илјада бензински пумпи во југоисточниот дел на САД.
Добивањето гориво станува сè потешко, поради хаосот што го предизвика различното медиумско известување, како и информирањето преку социјалните мрежи, особено за оние граѓани кои преку апликации сакаа нешто повеќе да дознаат за тоа од кои бензински пумпи сè уште можат да набават гориво и по која цена.
„Ние навистина зависиме од тоа што засега останало во магацините, има уште малку, никој не знае колку сето ова ќе трае, така што има многу несигурност за нас, за потрошувачите, и за трговијата“, вели Мајк О’Конор, претседател на Здружението на трговци со нафта во Вирџинија.
„Неодамна наполнив гориво на бензинска пумпа од 2,99 американски долари, се вратив на истата пумпа денес и сега цената изнесува 5,99 американски долари“.
Се огласи и администрацијата на Бајден, велејќи дека не е точно дека има недостиг, тврдејќи дека некои прават резерви со горивото.
„Паничното купување бензин сега ќе ја создаде оваа вештачка побарувачка што ќе го влоши сето ова“, вели Морган Дин, портпарол на Американската асоцијација за автомобили.
Во врска со сајбер нападот, американскиот претседател Џозеф Бајден изјави:
„Ќе се сретнам со претседателот Путин. Засега нашите разузнавачки служби немаат докази дека Русија е вмешана. Има докази дека актерите на нападот се од оваа земја, така што ќе сносат одговорност.“
Но, колкава ќе биде штетата, од сајбер нападот што врз главната американска компанија за нафтени деривати ја изведе хакерската група „Дарк сајд“ сè уште не се знае. Но, доколку блокадата потрае, кризата би можела да ескалира.
Мирјана Василева
