Зравство

Македонскиот офицер заразен со нигериска мутација на Ковид-19

13.05.2021 12:30

Анализите во МАНУ покажале дека македонскиот офицер заразен со Ковид-19 нема Јужноафрикански сој. Бил заразен со нигериска мутација. 55-годишниот потполковник кој од вчера изутрината е хоспитализиран на Инфективната клиника, е во добра општа состојба, нема температура ниту проблеми со дишењето, велат од здравство...

Потполковникот не е заболен од Јужноафрикански сој на Ковид- 19, соопштија од Министерството за здравство по добиените анализи од МАНУ. Од таму велат дека е детектиран Нигериски сој на коронавирусот, кој е еден од почестите во Африка.

Според анализите, 55- годишниот офицер бил заразен повеќе од една недела, односно инфекцијата е во поодмината фаза. Тој е во добра општа состојба, нема температура ниту проблеми со дишењето, велат епидемиолозите. Потполковникот на Инфективната клиниката е изолиран од другите пациенти.

Во ковид- центрите во Скопје во изминатите 24 часа хоспитализирани се 23 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Од утрово поради намален број на пациенти, затворен е ковид- центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија.

Според информациите од Министерството за здравство, на инфективните одделенија во главниот град се лекуваат вкупно 262 лица сомнителни и потврдени за Ковид- 19. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Изминативе денови се намалува бројот на приеми, а има 340 слободни кревети.

Од полноќ на сила скратен полициски час кој ќе трае до четири часот наутро. Олабавувањето на рестриктивните мерки е до 18-ти мај. Потоа ќе има нова проценка на епидемиолошката состојба. Отворените делови на угостителските објекти може да работат до 23:30. Работат и вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри, салите за вежбање и игротеките.

 

Александра Спировска