Делфи економски форум

Заев и Димитров во Атина: Време е Европа да го исполни ветувањето

13.05.2021 12:53

Сега е време Европа да го исполни ветувањето од март за почеток на европскиот процес за Македонија и Албанија. Пораки од Заев и Димитров од Делфи економскиот форум во Атина. Од Грција силна поддршка за старт на преговорите на Македонија со ЕУ...

Премиерот Заев е оптимист дека земјава ќе почне преговори со ЕУ. На шестиот Делфи економски форум во Атина, Заев изјави дека се надева дека скоро ќе се постигне решение за ветото од Бугарија, за што побара помош и од Грција.

„Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија. Ни треба помош од Грција која сега е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис и министерот Дендиас. Тие се многу фокусирани и лидери на процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската унија“, изјави премиерот Заев.

Сега е време ЕУ да го исполни ветувањето за преговори со Северна Македонија и Албанија, порача вицепремиерот за европски прашања Димитров на панел дискусијата на Делфи економскиот форум во Атина. Истакна дека е многу важно да имате пријателски соседи. „Во последнава година, пристапот на нашата дипломатија и меѓународната политика беше да се фокусираме на иднината, на заедничкиот интерес, да биде пријателски и отворени и да работиме заедно со соседите“ рече Димитров.

„Сега е време Европа да го исполни ветувањето од март за почеток на европскиот процес за Северна Македонија и Албанија. Влогот на Унијата треба да биде јасен дека нашиот успех ќе биде успех за сите, за ЕУ, ќе биде успех за регионот за Западен Балкан и ќе биде успех за сите наши соседи, за Грција, а исто така и за БугаријаМислам дека она што се случува со нас дали Европа ќе го одржи ветувањето, ќе биде порака за останатите во регионотСеверна Македонија е дел од регион што географски е европски и сме опкружени со земји членки на ЕУ и економски ја делиме европската судбина“, нагласи вицепремиерот Димитров.

На панел дискусијата, шефовите на дипломатиите на Грција и Кипар изразија силна поддршка за Северна Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Грчкиот алтернативен министер за надворешни, Варвициотис потенцираше дека Грција е против одвојувањето на Северна Македонија и Албанија и дека ЕУ треба да ги исполни ветувањата за почеток на преговорите. Кипарскиот шеф на дипломатијата Христодулидес изрази надеж дека наскоро ќе има добри вести за нашата земја.

„Сите земји треба да се однесуваат според исти правила, без разлика на големината. Треба да се следат истите процедури, да се изрази солидарноста на ниво на кое можете да придонесете и да имате исти обврски кон постигнување на заедничката цел“, изјави Милтијадис Варвициотис- грчки алтернативен министер за надворешни работи.

„Малите држави треба да играат улога за засилување на регионалната соработка. Државите од регионот да работат заедно на соочување со предизвиците и искористување на можностите“, рече кипарскиот министер, Никос Христодулидес.

Премиерот Заев на маргините на Делфи форумот на средбата со поранешниот британски премиер Тони Блер заклучиле дека Договорот од Преспа е од големо значење бидејќи донесе решение за двата народи, но и за целиот регион и Европа. Заев и Блер се согласиле дека нормализација на животот е можен само со масовна вакцинација.

Во тој контекст била разгледана можноста за соработка и инвестиции со глобалната ИТ компанија „Оракл“ за дигитална база податоци за регистрација и верификација на вакцинираните со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.

 

 

Ирина Гелевска