Израел

Продолжуваат судирите, Израел трупа војска на границата со Газа

13.05.2021 13:00

Планот за упад на војската во Газа доаѓа во време на најжестоките Израелско- палестински судири во последните години. Ваквата копнена акција на армијата во Газа не е видена од 2014 година. Загинаа десетици луѓе, стотици се повредени.

Израел трупа војска на границата со Газа. „Тајмс оф Израел“ повикувајќи се на воени извори тврди дека се подготвуваат планови за инвазија во Газа како одговор на ракетниот напад од Хамас. Израелскиот премиер Нетанјаху, наводно, ја отфрлил понудата да се прекинат непријателствата„на заедничка основа“. Планот за упад на војската во Газа доаѓа во време на најжестоките Израелско- палестински судири во последните години. Ваквата копнена акција на армијата во Газа не е видена од 2014 година. Загинаа десетици луѓе, стотици се повредени.

„Сите ние во Газа и во целата Палестина не чувствуваме радост на овој Бајрам поради оваа ужасна агресија од страна на окупаторските сили врз Газа и врз целата Палсетина.“

„Разнесувам чоколади бидејќи сакам да почувствувам радост. Како што можете да видите, воопшто нема атмосфера за Бајрам, има само воздушни напади и уништување. Господ нека им помогне на сите“- велат жители на Газа.

Во текот на ноќта, Хамас лансираше серија ракети кон Тел Авив, а илјадници израелци се упатија кон засолништата.

„Слушнавме како луѓе врескаат на улиците. Ни кажаа да ја напуштиме куќата. Зградата веднаш до нас беше нападната. Решивме да оставиме се зад нас и да заминеме. Не можевме да најдеме автомобил, па истрчавме на улиците.“

Претходно израелските сили убија командант на Хамас и бомбардираа неколку облакодери и банка, поврзана со активностите на фракциите.

Хамас најави отпор соопштувајќи дека „судирот со непријателот е отворен“. Израел ја почна офанзивата откако Хамас истрела ракети кон Ерусалим и Тел Авив како одмазда за израелската полициска пресметка со Палестинците во близина на џамијата Ал-Акса во источен Ерусалим за време на Рамазан.

Американскиот претседател Бајден го поддржа Израел и легитимното право на земјата да се брани. Нетанјаху вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хамас. Американскиот државен секретар, Блинкен, пак, разговарал со палестинскиот претседател Абас со барање да ги запре ракетните напади.

Во меѓувреме, илјадници луѓе се собраа во центарот на Чикаго на протести поради насилството во Газа и Израел со барање да се стави крај на израелските воздушни напади.

 

Марина Ристова